Како да им бидете поддршка на децата по преживување трауми?

Страшната трагедија во Основното училиште „Владислав Рибникар“ во Белград, Србија кога ученик во седмо одделение со огнено оружје уби осум ученици и обезбедувач, а рани шест деца и учителка го потресе регионот, но и светот.

Овој грозоморен настан кој се случи на 3 мај на површина го изнесе и прашањето како на најдобар начин да им се даде поддршка на децата по преживувањето на траумите што ги доживеале. Поддршка на децата им треба не само кога директно ќе бидат учесници во некој трауматичен настан туку и кога индиректно, преку медиумите, блиските или пак соучениците дознаат за некаква трагедија. Во годините наназад, УНИЦЕФ со организациите за психолошка помош изготви прирачник со совети и препораки како да им се даде поддршка на децата по преживување на траумите. Ова се дел од тие препораки:

Објаснете го настанот на разбирлив начин

Факт е дека е тешко да се најдат вистински зборови на децата да им се објаснат трагедиите што ги преживеале, но соодветен начин за соочување со реалноста е еден од првите чекори што треба да придонесе за нивно психолошко опоравување.

УНИЦЕФ советува да им ги кажете на децата фактите користејќи едноставен речник кога го објаснувате настанот. Помогнете им да најдат зборови да го опишат своето искуство.

Бидете поддршка

Во ситуација кога децата го преживуваат најтешкото, потребно е родителите, но и останатите членови на семејството од околината да покажат сочувство и да ги прифатат чувствата за кои говорат децата, дури и доколку останатите чувствуваат поинаку.

Водете сметка за нивните потреби

Покажете им на децата дека сте тука за нив, прегнете ги. Прашајте ги како се чувствуваат и дали нешто им треба. Посветете им време и внимание, советуваат стручните лица за психолошка поддршка.

Поддржете повторно воспоставување на контрола

Меѓу другото, на родителите им се препорачува да се држат до вообичаените родителски рутини. Доволно е прегратка за лека ноќ и бакнеж, читање приказни пред спиење, заеднички оброк…

Поттикнувајте физичка активност

На родителите им се препорачува да одредат простор и време за вежбање и физичка активност. Потребно е на децата да им се дозволи да ги водат вежбите и да предлагаат активности бидејќи така се отстранува напнатоста.

Исклучете ги медиумските содржини

Една од препораките на стручните лица за психолошка поддршка на децата соочени со трауми е родителите да ги исклучат медиумските содржини во тој период.

Настојувајте да ги следите вестите кога децата не се присутни, а доколку тоа не е можно, ставете слушалки. Ако немате таква можност, најдете едно возрасно лице кое ќе биде со децата додека ги погледнете вестите. Проверете со децата што слушнале и виделе (особено со повозрасните деца на кои медиумите и социјалните мрежи им се подостапни) и коригирајте ги неточните информации кои можеби ги имаат. Обидете се да одредите неколку часа во денот во текот на кои ќе го исклучите пристапот до медиумските содржини.

ИЗВОР: ТРТ БАЛКАН