Како државите од регионот најдобро да го искористат Планот за раст на ЕК?

Како државите од Западен Балкан најдобро да го искористат Планот за раст на Европската комисија е целта на дискусијата „Growth Plan for the Western Balkans: How to make it work for all?“ што денеска во Скопје ја организира Институтот за европска политика (ЕПИ) – Скопје, на која има претставници на креаторите на политиките, на граѓанското општество, академската заедница и бизнис секторот.

Симонида Кацарска од ЕПИ посочи дека Европската комисија (ЕК) во октомври го предложи Планот за раст како дел од својот пакет за проширување преку кој, како што кажа, очекуваат дека ќе може да се испорачаат одредени реформи и поголема поддршка од Европската унија во таа насока.

„Ова несомнено е голема можност за државите од регионот, но доста е оставено на нас, да предложиме здрави проекти и да направиме реформска агенда која ќе биде комплементарна со пристапувањето, но истовремено ќе овозможи поддршка и ќе даде опипливи резултати надвор од пристапниот процес“, изјави Кацарска пред почетокот на настанот.

Самиот план, додаде, ќе има високо ниво на условеност со реформите и со владеењето на правото.

„Тоа е исклучително значајно за нас како граѓански сектор, бидејќи се надеваме дека можеме да го користиме како алатка за притисок за реформи и за внатрешно градење на консензус. Очекуваме дека овој план, во оваа фаза во која се наоѓаме како исчекор во другата фаза од преговорите, ќе ни даде уште мал импулс за да може да се спроведат реформски зафати без кои не би можеле да ги искористиме средствата понатаму,“ посочи Кацарска.

Нагласи дека планот е условен со реформи и затоа не може да очекуваме премногу дека само ЕУ ќе направи нешто. -На нас останува она што ќе можеме да го испорачаме, рече Кацарска.

Државниот секретар во Секретаријатот за европски прашања и заменик главен преговарач, како и координатор на Планот за раст, Дрита Абдиу – Халили оцени дека планот е одлична можност за државата и за регионот и порача дека освен можност е и обврска.

„Реформскиот план се поддржува од сите чинители во нашето општество. Тој е многу динамичен и допрва ќе има работа зашто станува збор за предлог на ЕК кој допрва треба да се усвои. Предвидено е од јануари до март подетално да се разработи во делот на реформите, роковите и проектите. Тоа е една реформска агенда и за да се имплементираат реформите ќе предложиме конкретни проекти кои потоа ќе може да ги финансираме од овој нов механизам што е надвор од постојните механизми. За тоа ќе бара многу работа и импут од сите нас како држави и како влади за да можеме од тоа да имаме придобивки“, изјави Абдиу – Халили.

Допрва, како што кажа, ќе се идентификуваат проектите кои не само што треба да бидат соодветни, туку и зрели и определени во поширока дебата со сите чинители во општеството. Ќе бидат проекти во делот на дигитализација, инфраструктура, зелена агенда. Во моментов, како што кажа, имаме само нацрт на приоритети кои треба да се до дефинираат.

Порача дека не постои можност неформално да се постават политички услови за Планот за раст и оти уставните измени не се услов за негово спроведување. Првиот нацрт документ за Планот за раст што е работен во консултации со ЕК, додаде, уште на 6 декември е доставен до Брисел, заедно со сите држави од регионот.

„Не постојат ни формални ни неформални политички услови зашто ние ја доставивме нашата реформска агенда. Освен овие области имаме дел за владеењето на правото каде што имаме чекори кои треба да ги исполниме, а тие нас веќе ни се предвидени во реформската агенда и немаме услов уставни измени“, појасни Абдиу – Халили.