Од корупција до злоупотреба на власта, многу високи функционери во Северна Македонија успеаја да ја избегнат правдата бегајќи од земјата.
Никола Груевски, поранешниот премиер на Македонија, по напуштањето на функцијата се соочи со неколку обвиненија за корупција и злоупотреба на службената положба. Тој во 2018 година е осуден на две години затвор за купување на луксузно блиндирано возило од околу 600 илјади евра, злоупотребувајќи ја службената положба. Наместо да ја отслужи казната, Груевски во ноември 2018 година побегна во Унгарија, каде што побара и доби политички азил.
Груевски беше осуден во отсуство за неколку други случаи, но продолжува да живее во Унгарија, бегајќи од правдата.
Поранешните службеници на Петтата управа во МВР, Горан Грујевски и Никола Бошкоски и избегаа на правдата. Тие се главни обвинети во судскиот процес „Таргет-Тврдина“ на Обвинителството, кој е поврзан со нелегалното масовно прислушување за време на власта на ВМРО-ДПМНЕ. Тие побегнаа во Грција, додека Министерството за правда очигледно нема механизам да ги врати од Грција.
Истиот пат го следеа поранешниот вицепремиер Артан Груби и поранешниот директор на Државната лотарија, Перпарим Бајрами.
Тие се обвинети за вмешаност во аферата „Државна лотарија“ каде се осомничени за проневера на околу 8,2 милиони евра. Груби беше прогласен за „нон грата“ и од Соединетите Американски Држави поради обвинувања за корупција.
Во моментов во бегство е и Васко Ковачески, поранешен директор на Електрани во Северна Македонија. Тој е обвинет за финансиски малверзации за време на неговата функција, вклучително и злоупотреби при набавка на гориво и перење пари. Ковачески е вклучен и во истрагата „Адитив“ каде е осомничен за прекршување на законот при управувањето со јавните средства. Во моментов тој е во бегство, а властите работат на негово пронаоѓање и апсење.
Се поставува прашањето: Како е можно лицата со тешки пријави да ја напуштат државата непречено? Кој им помогна и дали постои вистинска политичка волја за борба против корупцијата? Овие одговори ќе ги чекаме, додека денеска, 31 март, на Денот на правдата во Македонија, министерот за правда Игор Филков рече дека без независно судство правдата станува недостапна, а довербата на граѓаните е разнишана. Според него, судството мора да има капацитет да изгради ефикасен систем кој обезбедува правда за сите.