„Како можеше да ги погледнеш во очи знаејќи дека ги убиваш“, „Никогаш нема да го измиеме овој срам!“ – реагираат лекарите за случајот „Онкологија“
Поради случувањата на Клиниката за онкологија по пишувањата во медиумите дека на пациентите им се давале физиолошки раствори, додека скапите лекови против рак завршуваат на црно, на социјалните мрежи реагираат лекарите згрозени од целиот случај.
Дел од нив упатија остри критики до медицинскиот персонал кој бил вмешан во малверзациите на Клиниката за онкологија.
„Како можеше да ги погледнеш во очи знаејќи дека ги убиваш“, прашува доктор Нико Беќаровски.
„Секојдневно по неколку пациенти од Онкологија доаѓаат во нашата ехотомографија на ултрасонографски преглед. Исплашени, премногу често и исцрпени од болест, со страв го следат секој мој поглед, како да сакаат да прочитаат дали нивното откритие е во ред. Секој пациент на Онкологија ме загрижува уште пред да ја земам сондата во рака. Тие се плашат, но јас се плашам и од она што ќе го видам. Секоја зголемена жлезда, нова метастаза, секоја течност откриена во нивниот стомак ми го растажува денот, a често тоа се млади луѓе кои штотуку влегле во светот на возрасните“.
„Додека организирана група чудовишта, скриени во белата наметка, го крадат милиграмот што им значи живот. Како можеше да ги погледнеш во очи, знаејќи дека ги убиваш???“ пишува д-р Нико Беќаровски на својот Фејсбук профил.
Додека докторот Драган Даниловски вели дека „овој срам никогаш нема да се испере“.
„Срамота. Никогаш повеќе пациент нема да влезе во лекарската ординација без студено да се прашува: Дали ова може да биде еден од нив? Па не се сите такви, ама „покрај сувото гори и влажното“.
Овој срам никогаш нема да го измиеме! НИКОГАШ!“, напиша доктор Даниловски.
А докторот Ненад Лазаров напиша дека и покрај сите случувања денеска ќе се појави пред пациентите со крената глава.
„Денеска ќе се појавам пред пациентите со крената глава и со насмевка, секој нека си го чува срамот, вложив цел живот достојно да го носам тој мантил“, напиша Ненад Лазаров, додавајќи дека денеска ќе се појави во најавениот протест пред Владата.
Инаку, Обвинителството во петокот изврши проверки на Клиниката за онкологија и отвори предистражна постапка.