– Откако Соединетите Американски Држави (САД) формираа коалиција за „заштита на безбедноста на пловидбата“ низ Црвеното Море од нападите на Хусите во Јемен, поддржани од Иран, Корпусот на Револуционерната гарда на Иран објави дека формирал поморска милиција од 55.000 припадници.
Командантот на поморските сили на Револуционерната гарда, контраадмирал Али Реза Тенгсири, имаше обраќање на настан што се одржа во главниот град Техеран, објави иранската новинска агенција Тесним.
Наведувајќи дека формирале милициски сили кои ќе дејствуваат на море, Тенгсири рече:
„Сега формиравме поморски мобилизациски сили (Басиџ), тие сили имаат чамци доволно големи за да стигнат до Танзанија. Следната фаза е формирање „морнарички сили во сенка“.
Иранскиот командант изјави дека своите поморски мобилизациски сили од 55.000 луѓе ги формирале најпрво во Персискиот Залив, а во следната фаза планираат да формираат вакви сили и во водите на северот на земјата (Каспиското Езеро).
Тенгсири додаде дека чамците на мобилизациските сили се опремени со ракети од 107 милиметри.
Одлуката на Иран да формира поморски мобилизациски сили следуваше откако американската администрација најави формирање на мултинационална мисија за спротивставување на нападите на Хусите, кои се поддржани од Иран, врз меѓународните бродови поврзани со Израел во Црвеното Море.
Формирани во рамките на Револуционерната гарда во Иран во ноември 1980 година, со декларација за мобилизација од страна на револуционерниот водач, ајатолахот Рухолах Хомеини, за време на војната со Ирак, припадниците на силите Басиџ се познати како доброволна милиција.
Должноста на припадниците на Басиџ, кои имаат членови од речиси сите возрасни групи, вклучува осигурување на внатрешната безбедност, сузбивање на бунтовите против режимот и спроведување на законот.