Државниот завод за ревизија ги објави двата извештаи за изборните кампањи за првиот круг од претседателските избори, кои ги поднеле седумтемината кандидати за шеф на државата – едниот на 11-от ден од почетокот на кампањата или на средина на кампањата, а другиот на крајот на кампањата, односно на 20-от ден од нејзиниот почеток.
Првиот извештај за кандидатот на СДСМ Стево Пендаровски е празен, додека вториот извештај покажува дека за неговата кампања биле донирани 31.912 денари од 3 физички лица, како и 115.005 денари од едно правно лице. Станува збор за донации во услуги, а не во парични средства.
Што се однесува до Гордана Силјановска Давкова, поддржана од ВМРО-ДПМНЕ, вториот извештај е празен, а првиот покажува дека нејзината кампања била финансиски поддржана од страна на 526 донации од физички лица во вкупна вредност од 19.950.000 денари, кои всушност претставуваат пренесени парични средства од партиската сметка. Воедно, наведена е и една донација од правно лице во износ од 50.000 денари.
За првите 10 дена од кампањата на кандидатот на ДУИ Бујар Османи извештајот е празен. Во вториот извештај, пак, единствено може да се најде една донација од правно лице во вредност од 185 илјади денари. Во истиот извештај е наведено и дека се префрлени „други приходи“ во вредност од 4.100.000 денари од партиската сметка на ДУИ на трансакциската сметка за изборна кампања.
Донации од 521.900 денари од 5 физички лица легнале за потребите на кампањата на кандидатот на ВЛЕН Арбен Таравари, според извештајот за првиот дел од кампањата, каде уште се наведува дека 2.050.000 денари биле пренесени средства од партиски сметки. Дополнителна донација од 183.000 денари е нотирана во вториот извештај од самиот Таравари, а плус 600.000 денари биле префрлени од партиска сметка.
Понатаму, за кандидатот Максим Димитриевски од движењето „ЗНАМ“ до првите 10 дена од почетокот на кампањата биле префрлени 450.000 денари од 9 лица од основната жиро-сметка на политичката партија на трансакциската сметка за изборната кампања, а уште 300.000 денари се нотирани во вториот извештај.
Во врска со кампањата на кандидатката на Левица Билјана Ванковска, во првиот извештај регистрирани се 26 донации од физички лица во вредност од 1.072.995 денари, а во вториот извештај регистрирани се донации од уште 1.093.995 денари од 31 физичко лице. Притоа, највисоки донации уплатиле Ванковска, партискиот лидер Димитар Апасиев и пратеникот Борислав Крмов.
На крајот, 20 физички лица донирале 936.000 денари за кампањата на кандидатот на ГРОМ Стевчо Јакимовски, покажува првиот извештај доставен до ДЗР. Во вториот извештај поднесен на 20-от ден од кампањата, пак, заведени се донации од 2 физички лица во вредност од 50.000 денари.