Калиопи: Кога мислев дека крилјата ми се скршени, јас пак полетав

Популарниот музичар Жељко Самарџиќ неделава ги одржува своите новогодишни концерти во МТС Дворана во Белград, а на синоќешниот, трет од шесте закажани концерти, гостинка му беше Калиопи.

Таа откри дека всушност таму и го прославила и нејзиниот 57-ми роденден, а на концертот на Самарџиќ гостувала, и покрај тоа што имала ларингит и докторот и забранил да пее наредните денови.

На својот профил таа раскажа дека решила и покрај се да дојде во Белград, а публиката која пеела заедно со неа била нејзиниот глас.

-Ова беше од оние најнеобични денови! Започна со акутен ларингит, болница, инфузии и еден топол докторски совет: „Нема да патувате, мора да мирувате и да бидете под терапија, и онака нема да можете да пеете неколку дена!“ Јас на инфузија, стигаат пораки од вас, од цел свет, со толку љубов во нив… И како е можно човек да не ве сака, да не прочита сѐ што сте напишале, посакале?!

И ете така јас си се ,,разбрав” со докторите и си тргнав на договорениот пат за Белград, кај мојот прекрасен пријател Жељко Самарџиќ на концерт, оти одамна си имавме договорено дека треба да му гостувам. Си реков, ако не можам јас, тие ќе пеат! Зарем се остава пријател на пола пат? Зарем се пропушта ваков момент и тоа на мојот роденден? НЕ!

И заминав , дојдов, бев, се случи! И токму кога мислев дека крилјата ми се скршени, јас пак полетав! Каква ноќ! Каков концерт на мојот пријател Жељко! Секоја чест на публиката, тие беа вечерва мојот глас! А сега, на спиење! Сонот е исто лек! И повторно заспивам со чувство на благодарност…Уфффф, каков ден… каков роденден- објави Калиопи.

Таа и Самарџиќ годинава во април го промовираа дуетот ,,Знам” кој го освои регионот. Во ноември пак, пред почетокот на концертот на Калиопи во МТС Дворана во Белград, се случи трагедија, кога почина жена во публиката, по што пејачката го одложи настанот. Новиот датум на нејзиниот белградски концерт е 4-ти февруари 2024 година.