Камала Харис: Лос Анџелес е мојот дом, згрозена сум од она што го гледаме на улиците

Протестите и немирите што продолжуваат во Лос Анџелес против рациите на американската Служба за имиграција (ICE) се претворија во масовни судири на улиците на Лос Анџелес, а Доналд Трамп одобри распоредување на 2.000 припадници на Националната гарда во овој американски град.

Поранешната потпретседателка на САД и претседателска кандидатка Камала Харис, која доаѓа од Калифорнија, ги коментираше протестите. Харис ја критикуваше одлуката на Трамп за распоредување трупи, нарекувајќи ја „опасна ескалација“ и дел од „сурова, пресметана агенда“ насочена кон ширење страв и поделба.

„Лос Анџелес е мојот дом. И како и многу Американци, сум згрозена од она што го гледаме на улиците на нашиот град. Ова не е прашање на јавна безбедност, ова шири паника“, рече Харис во објава на платформата X.

Таа нагласи дека протестите биле „претежно мирни“ и дека продолжува да ги поддржува милионите Американци кои „се залагаат за основните права и слободи“.

Градоначалничката на Лос Анџелес, Карен Бас, го осуди насилството, велејќи: „Секогаш ќе го штитиме правото на граѓаните на мирен протест, но насилството и уништувањето нема да бидат толерирани. Одговорните ќе бидат уапсени.“

Гувернерот на Калифорнија, Гевин Њусом, отиде чекор понатаму и повика на повлекување на Националната гарда од Лос Анџелес: „Ова е сериозно кршење на федералниот суверенитет. Немавме проблем сè додека не се вмеша Трамп“.

Трамп не им беше должен, па затоа напиша на социјалната мрежа Truth Social: „Ако гувернерот Гевин Њусом и градоначалничката Карен Бас не знаат како да си ја работат работата – а сите знаеме дека не знаат – федералната влада ќе го реши проблемот со бунтовниците и ограбувачите правилно!“.

Насилството ескалираше во текот на викендот: демонстрантите фрлаа камења и молотови коктели, палеа автомобили и се судрија со полицијата на неколку локации во градот. Полицијата одговори со солзавец и гумени куршуми, а Националната гарда зазеде позиции пред федералните згради и други објекти.