Канада и Франција се обединија пред трговската војна на Трамп: „Сите сме свесни што се случува“

Канада е „најевропската од неевропските земји“, рече Марк Карни за време на неговото прво патување во странство како премиер, кога се упати кон Франција и Обединетото Кралство.

Таму тој бара посилни сојузи за да се спротивстави на нападите на американскиот претседател Доналд Трамп врз суверенитетот и економијата на неговата земја.

Без да го споменат Трамп по име, Карни и францускиот претседател Емануел Макрон одржаа заедничка прес-конференција во Париз за да покажат обединет став против, како што велат, економската и геополитичката криза.

Всушност, тие укажуваат на трговската војна на Трамп и на дипломатијата „Америка на прво место“.

„Канада е единствен пријател“, рече Макрон, додавајќи дека фер трговијата е поефикасна од царините.

Карни зборуваше на француски и англиски и рече дека е важно Канада да ги зајакне врските со „доверливите сојузници“.

„Сакам да се погрижам Франција и цела Европа да соработуваат со ентузијазам со Канада, најевропската од неевропските земји, решена како вас да ги одржи најпозитивните можни односи со Соединетите држави“, рече тој.

Висок претставник на канадската влада изјави дека целта на патувањето е зајакнување на партнерствата со двете земји основачи на Канада. Официјалниот претставник рече дека Канада е „добар пријател на Соединетите Држави, но сите знаеме што се случува“.

Карни намерно го прави своето прво странско патување во главните градови на две земји кои го обликуваа раното постоење на Канада. Тој изјави дека Канада е фундаментално различна од САД и „никогаш, никогаш, на кој било начин, нема да биде дел од Соединетите држави“.