КАНДИДАТ ЗА ПРЕТСЕДАТЕЛ НА ЕКВАДОР УБИЕН НА ИЗБОРЕН МИТИНГ: Напаѓач му пришол и му пукал во глава додека влегувал во автомобилот 

Фернандо Вилависенсио, кандидат за претседател на Еквадор, беше убиен на предизборен митинг во Кито во средата.

Вилависенсио бил заменик во собранието, а бил убиен кога влегувал во автомобилот со кој требало да се оддалечи од местото на релито, јавува Би-Би-Си.

Еден член од неговиот изборен штаб за локалните медиуми изјавил дека „Вилависенсио влегувал во својот автомобил кога напаѓачот му пришол и го застрелал во главата“.

Актуелниот претседател на Еквадор, Гиљермо Ласо изјави дека „ова злосторство нема да остане неказнето“.

Очевидци тврдат дека Вилавиченсио (59) бил застрелан три пати. Во престрелката што следела бил ранет и осомничениот за атентатот, а подоцна починал од повредите.

Првиот круг од претседателските избори во Еквадор треба да се одржи на 20 август.

Претседателот Ласо, кој нема да се кандидира за функцијата, рече дека е „шокиран“ од убиството и додаде дека „организираниот криминал многу напредувал, но целата тежина на законот ќе падне врз него“.

Неодамнешниот пораст на насилниот криминал, поттикнат од зголеменото присуство на нарко-картели во Еквадор, е централна тема во овогодинешната изборна кампања.

Минатиот месец, претседателот Ласо прогласи вонредна состојба и полициски час во три провинции, по убиствата поврзани со организираниот криминал.

Кампањата на Вилависенсио, освен на безбедноста на граѓаните, беше фокусирана и на борбата против корупцијата, со која се занимаваше и како новинар, но и на борбата за намалување на уништувањето на животната средина.

Од штабот на Вилависенсио минатата недела објавија дека тој и членовите на тимот добиле закани од водачот на банда за шверц на дрога.