Кардиолозите откриваат колку пати неделно треба да пешачиме за да го подобриме здравјето на срцето

Еден од наједноставните и најпристапните начини за одржување на здраво срце е одењето. Бројни научни студии покажуваат дека одењето може да го намали крвниот притисок, да помогне во губењето на тежината, да го поддржи когнитивното здравје и да ја намали депресијата. Сето тоа без потреба од скапа опрема, само добар пар патики за трчање.

Експертите велат дека е важно редовно да се оди, но колку често? Според Американската асоцијација за срце, се препорачува да се прават најмалку 150 минути аеробни активности со умерен интензитет неделно, што значи околу 30 минути пешачење пет дена во неделата.

„Тоа е доволно за значително да се намали ризикот од срцеви заболувања и мозочен удар“, вели кардиологот д-р Ијеома Елеазу за Parade.

Сепак, кардиологот д-р Џонатан Сегал нагласува: „Секоја количина одење е подобра од никакво одење, затоа бидете активни колку што можете повеќе“.

Дури и кратките прошетки во текот на денот можат да бидат корисни ако сме доследни.

Важно е да го прилагодите вашето одење на вашите здравствени потреби. Кардиологот д-р Луиз Спадаро советува да се консултирате со лекар пред да започнете нов режим на вежбање, особено ако имате какви било здравствени проблеми или ограничувања. Дури и кратките прошетки од пет до десет минути во текот на денот можат да бидат корисни ако сте доследни и го исполнувате препорачаниот вкупен неделен внес на активности.

За дополнително подобрување на придобивките од одењето за срцето, експертите предлагаат интервален тренинг со одење – наизменично брзо и побавно темпо – или зголемување на растојанието и избор на попредизвикувачки терен како што се ридови или патеки. Д-р Елеаз, исто така, препорачува носење тегови за дополнителен напор.

„Секоја дополнителна активност помага, затоа користете ги скалите, паркирајте подалеку и избегнувајте да седите подолг временски период“, заклучува д-р Спадаро.