По зачестените реакции на жителите на Фалише и Сараќино, градоначалникот на Тетово, Биљал Касами го посетил местото каде што работниците од комуналното претријатие копаат за да се најде извор за вода за двете села кои три недели се соочуваат со прекин во водоснабдувањето. Според првиот човек на општината овој потфат на Јавното комунално претпријатие ќе значи решение за честите проблеми со водоснабдувањето во наредните неколку децении.
-Решен е проблемот со водата за пиење во селата Фалише и Сараќино за следните 20-30 години. Поради честите дефекти и немањето проект за водоводна линија во овој дел, успеавме да го решиме проблемот со отворање на нов бунар каде што ќе ја пренесеме претходната линија. Со ова, го затвораме повеќегодишниот проблем со водоснабдувањето на Фалише и Сараќино, порача Касами.
Од 1 февруари жителите на двете села се соочуваат со прекин во водоснабдувањето. Селата досега се снабдуваа со вода преку водоснабдителен систем кој носи вода преку цевковод од 12 километри од реонот на Палчиште и Калник, но не се најде каде е проблемот и каде е прекинат дотокот на вода. Поради тоа се одлучи да се копа бушотина во Фалише за обезбедување на вода за пиење. Жителите често реагираат до медиумите и бараа долготрајно решение на честите проблеми со водоснабдувањето.