Ние, како партија која скапо го плати својот патриотизам, го повикуваме новото раководство на Македонија да се вразуми и да размисли за своите одговорности кон историјата и иднината на нејзиниот народ, напиша на платформата Икс претседателот на СИРИЗА Стефанос Каселакис.
Лидерот на грчката опозициска партија упатува прашања, но и критики до актуелниот грчки премиер во врска со Договорот од Преспа, со оглед на ставот и противењето на Кирјакос Мицотакис во периодот кога беше опозиција. Го прашува зошто сега моли да се почитува Договорот и дали можеби сепак „не беше предавнички“ договор.
-Премиерот вели дека не му се допадна Договорот, но „државата има континуитет и затоа треба да се почитува“. Не, господине Мицотакис. Никогаш не молиш да се почитува нешто што е негативно за твојата земја, напиша Каселакис, додавајќи дека или се смета за корисен договор за Грција и се почитува или се смета за лош договор и се поништува.
Паралелно посочува дека „историската вистина понекогаш задоцнето се појавува, но секогаш ги оправдува храбрите, вистинските патриоти“.