Касјанов: Нападот врз Кремљ беше наместен

– Поранешниот руски премиер, Михаил Касјканов, кој функцијата ја извршуваше за време на првиот претседателски мандат на Владимир Путин, од 2000 до 2004 година, смета дека вчерашниот напад врз Кремљ бил „исценирана операција“. 

Во интервју за Скај Њуз, Касјанов кажа дека Русија го организирала нападот за повеќе да ги поттикне граѓани да се пријавуваат во руските вооружени сили.

-На Путин ова му требаше пред Денот на победата, додаде тој, мислејќи на годишното одбележување на победата на Русија против нацистите. 

Касјанов ја напушти Русија минатата година и сега е многу критичен за активностите на Кремљ во Украина, и покрај тоа што некогаш тесно соработуваше со Путин.

Тој наведува дека е интересно што Москва е подготвена да ја обвини Украина за наводниот напад со дрон, иако со тоа автоматски признаваат дека украинските беспилотни летала можат да стигнат до Кремљ. Тој предупреди дека треба да се „очекува нешто повеќе“ од Москва во наредните денови, како уште една провокација.

Да потсетиме, Кремљ вчераутро беше нападнат со беспилотни летала, а Москва објави дека се работи за неуспешен обид за атентат на Путин. Кремљ објави дека нападот го смета за „планиран терористички акт“ и го задржува правото да возврати.