Пренатрупаноста, недоволното инвестирање во инфраструктурата, нецелосниот видео надзор, недостатокот на медицински персонал и несоодветната техничка опрема негативно влијаат на обезбедувањето хумани услови за лицата лишени од слобода. Исто така, ограниченото спроведување на условните мерки и недоволната поддршка после казната ја намалуваат ефективноста на ресоцијализацијата, додека нередовниот надзор го доведува во прашање почитувањето на препораките за подобрување на состојбата, се главните заклучоци од ревизијата на успешност спроведена на тема „Реформа на казнено-поправниот систем“ од страна на Државниот завод за ревизија.
Ревизијата нагласува дека недоволниот развој на пробациската служба во правосудниот систем во однос на спроведување на соодветни и одржливи мерки за реинтеграција во заедницата на сторители на кривични дела кои се под алтернативни мерки и неизрекувањето доволно условни мерки од надлежните органи негативно влијае на остварувањето на основната цел на условната осуда и на намалувањето на бројот на затвореници.
„Со спроведената ревизија и применетата ревизорска методологија, собраните ревизорски докази добивме разумно уверување дека активностите што ги преземаат надлежните институции не придонесуваат целосно за подобрување и хуманизирање на системот за извршување на санкциите и реформите во казнено-поправниот систем“, велат од ДЗР.
Материјалните услови во институциите или специфичните одделенија во институциите и пренатрупаноста, надополнета со нив, не придонесуваат за обезбедување на хумани услови за сместување, како што се предвидени со меѓународните стандарди на терен, и за почитување на личноста и достоинството на лицата лишени од слобода.