Кафето не ни дава само енергија: Истражувањата откриваат уште една изненадувачка придобивка

Ако барате изговор за да испиете дополнителна шолја кафе, новото истражување сугерира дека, освен што ви дава енергија и ги подобрува когнитивните перформанси, вашиот омилен пијалок е добар и за здравјето на цревата.

Познато по своите антиоксидантни и антиинфламаторни својства, кафето долго време се препорачува поради бројните здравствени придобивки. Всушност, илјадници соединенија се спакувани во секоја чаша, помагајќи да се подобри менталната будност, да се намали воспалението, да се поддржува здравјето на срцето, па дури и да се ублажи болката после тренинг.

Една неодамнешна студија објавена во Nature Microbiology открива нова придобивка од кафето: го поддржува растот на корисни цревни бактерии.

Во оваа студија, истражувачите анализираа примероци од столицата од 22.867 учесници за да го разберат влијанието на кафето врз бактериите во цревата. Тие откриле дека луѓето кои пијат кафе имаат високо ниво на еден специфичен вид на бактерии – L. asaccharolyticus. Резултатите сугерираат дека пиењето кафе може да има позитивен ефект врз цревата со помагање на растот на добрите бактерии.

„Излегува дека цревниот микробиом е веројатно многу поважен отколку што некогаш очекувавме“, вели Мајкл Каплан, клинички професор на Универзитетот во Чикаго. Тој објаснува дека корисните бактерии во нашите црева се клучни за нашето целокупно здравје и дека разновидниот микробиом е клучен. Нашите црева исто така го содржат најголемиот дел од нашите имунолошки клетки, што ги прави витални за заштита и одржување на нашата сила.

Каплан истакнува дека всушност не само кофеинот ги поттикнува корисните бактерии, бидејќи дури и пиењето кафе без кофеин има позитивен ефект врз нашите црева. Клучните придонесувачи најверојатно се полифенолите, вклучително и хлорогена киселина и кининска киселина, кои се наоѓаат во кафето, кои помагаат во зајакнувањето на растот на оваа корисна бактерија. Науката сугерира дека полифенолите делуваат како пребиотици. Тие се хранат и го поттикнуваат растот на корисни цревни бактерии.

„Многу е безбедно да се пие една или две шолји кафе на ден, а тоа би било доволно за да се стимулира цревната флора за да може да ви помогне да го подобрите вашето долгорочно здравје“, вели Каплан.