Претседателката на Уставниот суд Добрила Кацарска вели дека нема правна пречка за вклучување на Бугарите во Уставот бидејќи, како што рече, не постои закон со кој би се забранило нешто за граѓаните кои се чувствуваат како Бугари, а би овозможил граѓани кои се дел од албански, турски, српски и други народи во земјата.
Таа во интервју за бугарската ТВ Нова истакна дека земјата е мултиетничко општество и дека според Уставот малцинските заедници ги уживаат истите права кои ги ужива македонскиот народ.
Кацарска рече и дека таа лично не би имала проблем со тоа што граѓаните на Македонија кои се чувствуваат како Бугари да бидат вклучени во Уставот, доколку се земе предвид, како што рече, дека земјата ја потпишала Рамковната конвенција за национални малцинства на Советот на Европа и дека ги признава правата на сите граѓани.
„Понатаму, во Македонија има високи европски стандарди токму за немнозинските заедници, тоа всушност го кажуваат сите извештаи на релевантните институции, тука се и мониторинг извештаите, годишните извештаи за напредокот на Република Македонија, извештаите на многу невладини организации дека работат токму за човековите права“, рече Кацарска.
Прашана дали ги известила политичарите во РСМ дека нема законска пречка за вклучување на Бугарите во Уставот, таа вели дека како претседател на Уставниот суд нема друга комуникација со политичарите, освен официјална.