Качувачки фестивал на кањонот во Демир Капија 

Качувачки фестивал се реализира на кањонот во Демир Капија. Активностите започнаа синоќа и ќе траат до понеделник, информираат од Македонско спортско качувачката федерација.

Оттаму соопштуваат дека кога ја започнале идејата пред години, уште во далечната 1998 година, тогаш немале ниту знаење, ниту финансии, ниту сила да организираат качувачки фестивали, па дури во последните години успеале да го одржат континуитетот. 

– Тој континуитет ни донесе до 15 години континуирано искачување во прекрасниот кањон на Демир Капија. За жал, минатата година не остави еден од подоцнежните промотори на качувањето во Демир Капија, големиот и познат руски алпинист, спортски качувач, Александар Кленов, но ни остави „наследство“ да ја продолжиме неговата идеја и да ја направиме Демир Капија, позната светска дестинација за качување. Поради сето ова и во негова чест, на качувачкиот фестивал ќе доделиме плакета „Кленов“, на сите оние кои отворија нови качувачки насоки во Демир Капија и кои придонеле за промоција, на овој наш најголем качувачки локалитет, информираат од Федерацијата во објава на нивниот Фејсбук профил.

На агендата, меѓу другото, е и комеморативна вечер за Кленов, 34 часовен качувачки маратон со награди за најдобрите, отворање нов качувачки сектор и искачување нови насоки.