Се чистат отворените одводни канали за атмосферски води во Македонска Каменица

Во Македонска Каменица се чистат отворените одводни канали за атмосферски води. Активностите ги изведува Јавното претпријатие Камена Река од каде напоменаа дека во тек е и поставување нови водомерни единици за корисниниците од одредени делови од градот.

-Поставуваме нови водомерни единици и приклучување на корисниците од улица „Новопроектирана” на градскиот канализациски систем. Воедно вршиме поставување заштитна ограда на постоечки мост во село Тодоровци, како и доизведба и санација на оштетена ограда од училишниот двор на ООУ „Св. Кирил и Методиј”, информираа од претпријатието.

Паралелно, како што додадоа, се врши косење и уредување на тревата на градскиот кеј со засадување  нови листопадни декоративни садници.

-Со посветеност во спроведувањето на теренските активности на вработените во ЈП Камена Река продолжуваме да работиме во создавањето подобри услови за живот на сите граѓани во урбаните и руралните средини од Македонска Каменица, додадоа од претпријатието.

Активностите се дел од програмата за работа на Јавното претпријатие и ќе се одвиваат засилено во наредниот период.