Каја Калас: Русија ги тестира европските граници и ја тестира решителноста на цела Европа

Шефицата на Европската Унија за надворешна политика, Каја Калас, која беше премиерка на Естонија од 2021 до 2024 година, зборуваше на вонредниот состанок на Советот за безбедност на ОН, каде што се дискутираше за руските упади во естонскиот воздушен простор.

Обраќајќи се пред говорницата, таа рече дека во просторијата има една земја која активно се обидува да ги поткопа вредностите и принципите на кои ООН се обврза да се придржува.

„Неодамнешното нарушување на естонскиот воздушен простор е без преседан и по својот обем и по неодговорност. Тоа беше намерна провокација што можеше да заврши со катастрофални последици“, истакна таа.

Таа рече дека упадот се случил само седум дена откако Русите го нарушиле воздушниот простор на Полска и Романија со беспилотни летала.

„Не може Русија случајно да го наруши европскиот воздушен простор три пати во две недели, а ако тоа било случајно, Руската Федерација имала доволно време да се извини“, истакна таа.

Ставот е дека Русија ги тестира европските граници и ја тестира решителноста на цела Европа.

„Русија ќе продолжи да провоцира сè додека ние тоа го дозволуваме. Отворено им кажувам на руските претставници во оваа просторија дека постапките на вашата влада се неодговорни, опасни и спротивни на самите принципи на Обединетите нации“, заклучи таа.