Болеста африканска чума е евидентираната кај дивите свињи на подрачјата на Шар Планина, додека кај домашно одгледуваниот добиток нема регистрирано пример на ова заболување во тетовскиот регион, покажуваат податоците на Агенцијата за храна и ветеринарство. Оваа болест во голема мера ги зафати свињите во другите делови од државата.
Болеста африканска чума кај свињите не е евидентирана кај домашната популација свињи во Полошкиот регион. Кај дивата популација свињи потврдена е на ловиште за крупен дивеч во село Вејце, општина Тетово. Болеста не е зооноза односно вирусот не е опасен и не се пренесува на луѓето, кои се можни негови преносители. Агенцијата за храна и ветеринарство наложи ловните друштва да вршат пребарување на ловиштата и сите пронајдени угинати диви свињи веднаш да ги пријават до надлежниот официјален ветеринар. Пребарувањето на ловиштата е исклучителна важна активност со цел рано откривање на присуството на вирусот на африканска чума кај свињите. По пријавата за пронајдена угината дива свиња, официјалниот ветеринар зема примероци за лабораториско тестирање и наложува мерки за нештетно отстранување угинатите диви свињи, велат од Агенцијата за храна и ветеринарство.
Дивите свињи имаат важна епидемиолошка улога во ширењето на болеста преку труповите од пцовисаните животни во кои вирусот опстојува долго време. Тие се заразуваат со вирусот преку контакт со други диви свињи или преку исхрана со трупови од пцовисани животни, а потоа вирусот се шири во популацијата на диви свињи. Труповите од пцовисани диви свињи играат важна улога во одржување на вирусот во животната средина.
Согласно наложените мерки од Агенцијата за храна и ветеринарство, концeсионерите на дивечот во ловиштата, управувачите со државните ловишта ЈУ „Национални паркови“ и ЈП „Национални шуми“ – Скопје се должни да достават неделни извештаи од резултатите од пребарувањето на ловиштата до официјалните ветеринари и АХВ, велат од оваа институција.
На подрачјето на националниот парк Шар Планина, од ноември 2023 па се до крајот на јануари 2024 ќе трае санитарен отстрел на диви свињи со цел спречување на ширење на болеста африканската чума. Санитарниот отстрел го реализираат ловечките друштва во соработка со националниот парк, а досега се застрелани 14 диви свињи.
Според информациите на Агенцијата, од секоја отстрелана дива свиња, се праќаат примероци за испитување на африканска чума кај свињите, класична чума кај свињите и трихинелоза до официјален ветеринар и АХВ. Доколку се добие позитивен резултат официјалниот ветеринар наложува мерки за нештетно отстранување на свињите.