Преговорите меѓу администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп и Русија без учество на Украина и Европејците само ќе „го отворат апетитот на Владимир Путин“, изјави денеска неименуван висок украински функционер за агенцијата Франс прес.
„Тоа, исто така, ќе ја зајакне неговата верба дека тој ќе победи, а Америка ќе загуби“, рече функционерот, кој побара да остане анонимен, по денешниот руско-американски состанок во Ријад, кој се одржа без учество на Киев и Европа.
Официјалниот претставник рече дека тимот на Доналд Трамп ја повторува тактиката на претходните американски претседатели, Барак Обама пред руската анексија на украинскиот полуостров Крим во 2014 година и Џозеф Бајден пред сеопфатната руска инвазија на Украина пред три години.
– Обама пред 2014 година, како и Бајден пред оваа војна, разговараше со Путин за нас без нас, за Европа без Европа, а некој од тимот на Трамп оди во иста насока – продолжи украинскиот функционер.
„Се чини дека некој од тимот на Трамп или близок до него му претставува нереална слика за Русија“, додаде тој.
Украинските власти се надеваат дека ќе добијат детали за позицијата на САД од специјалниот пратеник на американскиот претседател за Украина, Кит Келог, кој утре се очекува во Киев во својата прва посета откако Трамп ја презеде функцијата во јануари.
„За нас е важно да слушнеме од Келог што навистина се случува“, рече украинскиот функционер.