Ким Џонг Ун изградил „чудовиште“ на местото на Зимската палата и вешто криел сè: Што покажуваат снимките?

До минатата година, оваа локација беше дом на Зимската палата на севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун, позната и како резиденција Риокпо, сместена во густо пошумена долина на околу 40 километри југоисточно од главниот град Пјонгјанг.

Комплексот неодамна беше срушен и заменет со серија нови згради, патишта и нешто што изгледа како терен за голф, пренесува британски Телеграф.

Сепак, подетална анализа на објектите, користејќи блиску инфрацрвени снимки за време на изградбата, покажа дека терените за голф биле засилени со бетонски темели во јуни, над кои во август е додаден тенок слој почва. До ноември, аналитичарите заклучија дека тревата се вкоренила и локацијата наликувала на терен за голф.

Сепак, аналитичарите од Центарот за непролиферација Џејмс Мартин на Институтот Мидлбери тврдат дека рамните површини со бетонски темели се идеални лансирни рампи за балистички ракети со долг дострел и дека некои од новите капацитети на локацијата не се вклопуваат во типичната инфраструктура на терените за голф.

Новите патишта во областа се доволно широки за да овозможат минување на возила за транспорт и подигнување на ракетата Хвасонг-19 во позиција за лансирање.

Оваа ракета долга 30 метри за прв пат беше успешно лансирана во октомври. Може да носи нуклеарна боева глава и има домет од околу 18.000 километри. Нејзиниот опсег ги вклучува Северна Америка и Европа.

Една од новите структури на локацијата е четирикатна зграда која се проценува дека е висока околу 40 метри, во која може да се сместат проектили во исправена положба.

„Иако овој објект може да се користи за системи со помал дострел како што е Hwasong-11/KN-23/KN-24, висината на зградата со високите врати сугерира дека е дизајнирана и за системи со долг дострел. Не би изградиле зграда висока 36 метри само за проектили со краток дострел“, изјави член на истражувачкиот тим на Радио Слободна Азија, Сем Лер.

Зад зградата има уште една структура покриена со земја за подобра заштита и камуфлажа, а може да се користи за сместување на четири лансирни возила.

Во понеделникот, Северна Кореја истрела низа балистички ракети во водите на нејзиниот западен брег, што се совпадна со почетокот на воените вежби „Штитот на слободата“, заеднички маневри на американските и јужнокорејските сили на југот.

Вежбите ќе траат 11 дена, а началникот на Здружениот Генералштаб 
на Јужна Кореја издаде соопштение во кое се вели дека нивните сили се во „целосна готовност“ и дека тесно соработуваат со американските војници.