КИМ ЏОНГ УН ПРИСТИГНА ВО РУСИЈА – Димитриј Песков ‘бесен’ на реакциите од Вашингтон: “Не сме заинтересирани за предупредувањата од САД!“

Весникот The Guardian објави дека Ким Џонг Ун, лидерот на Северна Кореја, допатувал во Русија на средба со претседателот Владимир Путин, а се очекува да разговара за можната воена соработка и испораката на оружје за Русија за војната во Украина.

Оклопниот воз на Ким Џонг Ун пристигнал на станицата Хасан, главната железничка станица која е врска со рускиот далечен исток од Северна Кореја, објави јапонската медиумска агенција Kyodo, цитирајќи неименуван руски официјален извор.

Се очекува средбата да се одржи во вторник попладне на маргините на Источниот економски форум во рускиот пристанишен град Владивосток, каде Владимир Путин веќе пристигнал претходно.

Во вторникот потпаролот на Кремљ, Димитриј Песков ги отфрли американските извештаи дека на состанокот ќе се разговара за склучување договор за набавка на оружје.

Како што знаете, додека ги негуваме односите со нашите соседи, вклучително и со Северна Кореја, интересите на нашите две земји ни се важни, а не предупредувањата од Вашингтон“, истакна гласноговорникот на Владимир Путин.

Според информациите, севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун заминал од Пјонгјанг за Русија со приватен воз, објавија во вторник државните медиуми и објавија фотографии на кои се гледа дека најверојатно тој бил придружуван од највисоки претставници на воената индустрија, дипломати и воени команданти.

Ким Џонг Ун го започна своето патување за да се сретне со претседателот Владимир Путин во неделата, објави државната медиумска агенција KCNA.

Во делегацијата има истакнати воени членови на владејачката партија, меѓу кои и директорот на секторот за индустрија за воена опрема Џо Чун Рионг, а според аналитичарите, составот на делегацијата укажува дека посетата ќе се фокусира главно на соработката во воената индустрија и безбедносните прашања.

Присуството на Џо Чун Рионг укажува дека Северна Кореја и Русија ќе склучат некаков договор за купување на воена опрема“, изјави Мајкл Маден, експерт за Северна Кореја во центарот Stimson во Вашингтон.

Заменик-министерот за надворешни работи на Русија, Андреј Руденко, како што јави медиумската агенција Interfax, изјавил дека Москва ќе и достави на Јужна Кореја детали за посетата на севернокорејскиот лидер на Русија, доколку официјален Сеул побара такви информации.

За потсетување, нивната прва средба се одржа токму во Владивосток, во април 2019 година, а според Кремљ, токму Владимир Путин ја иницирал средбата.