Кина го возвраќа ударот на Трапм, започнува одмаздата на Пекинг! Канада воведува одмазднички мерки, Мексико подготвен за „план А, Б, Ц и Г“, се разгорува царинската војна (ФОТО)
Утрово стапија на сила американските царини од 25 отсто за увоз на стоки од Кина, Мексико и Канада, веднаш по што следуваше одмазда од Пекинг и Отава и најавите за одмазднички мерки од јужниот сосед на САД.
Би-би-си пренесува соопштение од кинеското Министерство за финансии за воведување царини од 15 отсто за увоз на американски земјоделски производи, вклучувајќи пилешко, пченица, пченка и памук.
Дополнително, десет проценти беа наметнати царини за увоз на соја, свинско месо, овошје, зеленчук и млечни производи од САД.
Се наведува дека овие давачки ќе стапат на сила на 10 март.

Меѓу американските компании кои се цел на овие мерки, се издвојува биотехнолошката компанија „Илуминија“, која Пекинг ја обвини дека спроведува „дискриминаторски мерки против кинеските компании“.
Канадскиот премиер Џастин Трудо најави дека неговата земја ќе воведе царини од 25 отсто на американски стоки во вредност од 155 милијарди долари како одговор на тарифите наметнати од американскиот претседател Доналд Трамп.

Тој рече дека тарифите прво ќе се применуваат за пакетот стоки во вредност од 30 милијарди долари, а во следните три недели и за останатите.
Мексико утре ќе ја објави својата одлука за воведување одмазднички царини на САД.
Претседателката Клаудија Шајнбаум рече дека нејзината земја ги има подготвени сите планови.
– Во ваква ситуација треба да бидеме собрани, смирени и трпеливи. „Имаме план А, план Б, план Ц, па дури и план Д“, рече Шејнбаум.