Кина гради најголем аеродром во светот, ќе има 4 писти и терминал од 900.000 квадрати

Кина го гради најголемиот аеродром на светот кој некогаш бил изграден на вештачки остров, објавија денеска американските медиуми.

Меѓународниот аеродром ќе се вика залив Џинжу, а ќе покрива остров од 20 квадратни километри со четири писти и патнички терминал од 900.000 квадратни метри, пренесува Си-Ен-Ен.

Аеродромот ќе биде лоциран во Далиан, кој има 7,5 милиони жители.

Аеродромските оператори имаат за цел да превезуваат 80 милиони патници и 540.000 летови годишно, со првите полетувања во 2035 година.

Изградбата на овој аеродром ќе ги надмине меѓународниот аеродром во Хонг Конг од 12,48 квадратни километри и меѓународниот аеродром Кансаи во Јапонија од 10,5 квадратни километри, кои исто така се изградени на вештачки острови.

Инаку, моментално најголемиот аеродром во светот е новиот аеродром во Истанбул на 76,5 милиони квадратни метри со шест посебни писти, капацитет од 500 авиони, паркинг за 70.000 возила и аеродромска зграда на 1,3 милиони квадратни метри.