Кина и САД се договорија: од 12 до 24

САД и Кина имаат намера да дозволат двојно поголем број патнички летови отколку што во моментов е дозволено за авиокомпаниите кои оперираат меѓу двете земји.

Ова го соопшти администрацијата на Бајден, што се толкува како редок знак за соработка меѓу двете најголеми светски економии.

Американското Министерство за транспорт (USDOT) објави дека има намера да го зголеми бројот на дозволени кинески патнички летови до САД од сегашните 12 на 18 повратни патувања од 1 септември и на 24 летови неделно од 29 октомври, пренесува Reuters.

Во соопштението се вели дека кинеската влада ќе се согласи на истото зголемување за американските превозници, потврдувајќи ја својата претходно објавена одлука.

Договорот меѓу Пекинг и Вашингтон, кои се во спор на многу фронтови, дојде откако Кина во четвртокот ги укина ограничувањата за групно патување за неколку земји наметнати за време на пандемијата „Ковид-19“, вклучително и САД, Јапонија, Јужна Кореја и Австралија.