Кина и САД се судрија во ОН

На седницата на Советот за безбедност на Обединетите нации, се случи остар конфликт меѓу САД и Кина. САД го повикаа Пекинг да престане да ја поддржува војната на Русија во Украина, на што Кина возврати обвинувајќи го Вашингтон за префрлање на вината и поттикнување на конфронтација.

„Ако Кина е искрена во повикувањето на мир, мора да престане да ја охрабрува руската агресија“, изјави вршителката на должноста амбасадорка на САД во ОН, Дороти Шеј.

Американски обвинувања

Американската амбасадорка ги повика сите земји, со посебен акцент на Кина, да го суспендираат извозот на производи со двојна намена во Русија. Таа истакна дека овие производи ѝ овозможуваат на Москва да го одржи производството на оружје и нападите со ракети и беспилотни летала врз Украина.

,,Тврдењата на Пекинг за строга контрола на извозот паѓаат во вода кога секој ден наоѓаме кинески компоненти во беспилотни летала, оружје и возила што ги користи Русија против Украина“, додаде Шеа.

Заменик-амбасадорот на Кина во ОН, Генг Шуанг, ги отфрли обвинувањата, нагласувајќи дека Пекинг не е страна во конфликтот и дека „строго ги контролира материјалите со двојна намена, вклучително и извозот на беспилотни летала“.

„Ги повикуваме САД да престанат да ја префрлаат вината и да создаваат конфликти околу украинското прашање. Наместо тоа, треба да играат поконструктивна улога во промовирањето на прекин на огнот и мировните преговори“, рече Генг.

Блиски односи меѓу Москва и Пекинг

Оваа дипломатска размена на оган следеше по извештаите за тајно извезување на кинески мотори за беспилотни летала во Русија, заобиколувајќи ги западните санкции. И покрај тврдењата за неутралност, Кина останува еден од клучните економски партнери на Русија. Пекинг е најголемиот купувач на руска сурова нафта и водечки снабдувач на производи со двојна намена за рускиот одбранбен сектор.

Дополнителна загриженост беше неодамнешната изјава на кинескиот министер за надворешни работи Ванг Ји, кој, според „Саут Чајна Морнинг Пост“, ѝ рекол на европската комесарка Каја Калас дека Кина „не може да си дозволи“ руски пораз во Украина. Украина, исто така, постојано изразува загриженост за поддршката на Кина за Москва. Претседателот Володимир Зеленски го обвини Пекинг за продолжување на војната и застанување на страната на Кремљ.

Блискоста на двете земји ја потврдува и најавената посета на рускиот претседател Владимир Путин на Кина во септември, каде што ќе се сретне со кинескиот лидер Си Џинпинг на самитот на Шангајската организација за соработка.