Портпаролката Мао потсети дека петте држави со нуклеарно оружје издадоа заедничка изјава во јануари 2022 година за спречување нуклеарна војна
Кина денес повика на „дипломатски напори“ кон мирно решавање на украинската криза, откако Русија ги соопшти своите планови за стационирање тактичко нуклеарно оружје во Белорусија.
„Во сегашната ситуација, релевантните страни треба да се фокусираат на дипломатските напори кон мирно решение на украинската криза и заеднички да се залагаат за ставање крај на тензиите“, изјави за новинарите во Пекинг портпаролката на кинеското Министерство за надворешни работи, Мао Нинг.
Со потег што сигурно ќе поттикне понатамошни тензии во Украина и кај нејзините западни сојузници, Русија ќе ја заврши изградбата на специјални капацитети за складирање тактичко нуклеарно оружје во соседна Белорусија, истакна во саботата рускиот претседател Владимир Путин.
Русија веќе ѝ го предаде на Белорусија комплексот „Искандер“, во кој може да се складира нуклеарно оружје, рече Путин.
Портпаролката Мао потсети дека петте држави со нуклеарно оружје издадоа заедничка изјава во јануари 2022 година за спречување нуклеарна војна, објави кинескиот дневен весник „Глобал тајмс“.
Според Путин, неговиот белоруски колега Александар Лукашенко одамна го има отворено прашањето за распоредување руско тактичко нуклеарно оружје во Белорусија, кое таму го нема од раните 1990-ти години, со падот на СССР.
„Со Лукашенко се договоривме дека ќе поставиме тактичко нуклеарно оружје во Белорусија без да го нарушиме режимот за неширење на [нуклеарното] оружјето“, рече Путин.
„САД одамна поставија такво оружје во неколку земји, така што нема ништо необично во барањето на Белорусија“, додаде Путин.
Путин потоа истакна дека Русија распоредила 10 авиони, сите во можност да носат тактичко нуклеарно оружје во Белорусија.
„Десет авиони се подготвени да користат ваков тип оружје. Веќе го префрливме во Белорусија нашиот добро познат, многу ефикасен комплекс ‘Искандер’, кој може да биде и носач (на тактичко нуклеарно оружје)“, рече рускиот претседател.
„Москва ќе започне со обука на персонал на почетокот на април“, истакна Путин и додаде дека Русија ќе ја заврши изградбата на складиште за тактичко нуклеарно оружје во Белорусија до 1 јули и дека контролата на оружјето нема да биде префрлена на Минск.
Откако Русија ја започна војната во соседна Украина пред 13 месеци, западните лидери и аналитичари изразија загриженост дека Москва би можела да го направи конфликтот нуклеарен, врз основа на изјавите на руската страна.