Кина ќе биде домаќин на состанок на претставници на палестинското радикално движење Хамас и ривалското движење Фатах на тема палестинско единство, објави Reuters, повикувајќи се на неименуван дипломатски извор во Пекинг.
Неименуван функционер на Фатах изјавил за Reuters дека делегација предводена од високиот функционер Азам ал-Ахмед отпатувала во Кина, додека од Хамас потврдиле дека нивна делегација, предводена од високиот функционер Муса Абу Марзук, ќе пристигне во Кина подоцна ноќта од петокот кон саботата.
-Го поддржуваме зајакнувањето на авторитетот на палестинската национална управа и ги поддржуваме сите палестински фракции во постигнувањето на помирување и зголемување на солидарноста преку дијалог и консултации – изјави портпаролот на кинеското Министерство за надворешни работи, Ванг Венбин.
Станува збор за првата официјална посета на претставник на Хамас на Кина од почетокот на војната во Појасот Газа. Според кинеското Министерство за надворешни работи, кинескиот дипломат Ванг Кеџијан се сретнал со шефот на Хамас, Исмаил Ханије во Катар минатиот месец.
Дипломатот со седиште во Пекинг, информиран за ова прашање, рекол дека разговорите имаат цел да ги поддржат напорите за помирување на двете палестински ривалски групи.
Кина во последно време покажа растечко дипломатско влијание на Блискиот Исток, каде што остварува силни врски со арапските сунитски земји и шиитски Иран. Минатата година, така, Пекинг посредуваше во мировниот договор меѓу долгогодишните регионални непријатели Саудиска Арабија и Иран.
Американскиот државен секретар Ентони Блинкен претходно изјави разговарал со кинескиот претседател Кси Џинпинг и други официјални претставници во Пекинг, како Кина може да игра конструктивна улога во глобалните кризи со инсистирање Пекинг да ја прекине поддршката на Русија, вклучително и на Блискиот исток.
Кинеските власти го засилија застапувањето за Палестинците на меѓународните форуми во последниве месеци, повикувајќи на поголема израелско-палестинска мировна конференција и конкретен распоред за спроведување на решението со две држави.