Кина предупреди дека воените вежби на САД и Филипините не би требало да таргетираат која било трета страна
Кина ги предупреди САД и Филипините дека продлабочувањето на нивното сојузништво не би требало да влијае на безбедноста и територијалните интереси на Пекинг и да не се мешаат во територијалните спорови во Јужното Кинеско Море.
На прашањето за коментар за воените вежби на американските и филипинските сили кои започнаа вчера на Филипините, кинеската амбасада во Манила денеска објави соопштение од портпаролот на кинеското Министерство за надворешни работи Ванг Венбин, кој рече дека таквите вежби „не би требало да таргетираат која било трета страна и би требало да придонесат за регионалниот мир и стабилност“.
Ванг не кажа како би реагирал Пекинг ако смета дека соработката меѓу САД и Филипините им наштетува на основните интереси на Кина.
Филипините и САД вчера ги започнаа своите најголеми заеднички воени вежби, кои се очекува да траат две недели, а се одржуваат по кинеските воени вежби околу Тајван.
Околу 18.000 војници ќе учествуваат во вежбите на Филипините, во текот на кои војската за прв пат ќе употреби боева муниција во Јужното Кинеско Море.
За време на маневрите, воени хеликоптери ќе слетаат на филипински остров на околу 300 километри од Тајван.
САД за време на вежбите ќе ги користат своите ракети „Патриот“.