Кина соопшти дека повеќе нема да обрнува внимание на царините на Трамп

– Кина објави дека повеќе нема да „обрнува внимание“ на трговските потези на администрацијата на Доналд Трамп откако ги зголеми царините на увоз од САД на 125 отсто, јавија државните медиуми денес.

„Кина ќе ги зголеми дополнителните царини на производите увезени од САД од 84 отсто на 125 отсто, со важност од 12 април“, соопшти Комисијата за царински стапки при државниот Совет.

„Бидејќи повеќе не постои можност за пазарно прифаќање на американските производи во Кина под сегашните нивоа на царини, доколку САД продолжат да воведуваат нови царини на кинеските производи, кинеската страна нема да обрнува внимание на тоа“, се додава во соопштението на Комисијата.

Трговската војна, иницирана од американскиот претседател Доналд Трамп, го разниша глобалниот пазар. Тој ги зголеми царините на кинеските производи на 145 отсто, обвинувајќи го Пекинг за „злоупотреба“ на трговските практики со САД.

Ниту една од двете најголеми светски економии не попушта и засегa нема изгледи за олеснување на трговските тензии.

Сепак, најновата најава од Пекинг дека повеќе нема да „обрнува внимание“ на новите царини од Вашингтон се толкува како знак дека Кина ставила пауза на натамошни одговори од своја страна.

Во меѓувреме, кинеското Министерство за трговија соопшти дека поднеле нова тужба против администрацијата на Трамп во Светската трговска организација (СТО), поради најновите зголемувања на царините од американска страна.