Кина го спроведе првиот тест на вселенското летало наменето за слетување на астронаути на Месечината, објави агенцијата „Кинески вселенски екипаж“, нагласувајќи дека ова е клучна пресвртница во планот првите кинески астронаути да слетаат на Месечината пред 2030 година.
Тестот беше спроведен во покраината Хебеј на специјално подготвен терен, кој ја имитира површината на Месечината покриена со карпи и кратери, со рефлективен слој сличен на месечевата почва, објави Ројтерс.
За време на верификацијата, биле проверени системите за слетување и полетување на лендерот под различни услови на работа.
Лунарниот ровер, наречен Ланџуе, што на мандарински значи „Прегрнете ја Месечината“, е дизајниран да транспортира астронаути помеѓу лунарната орбита и површината на Месечината.
Исто така, ќе служи како простор за живеење, извор на енергија и центар за собирање податоци за време на престојот на Месечината.
Во изминатите пет години, Кина веќе успешно спроведе повеќе беспилотни мисии, вклучително и собирање примероци и од блиската и од далечната страна на Месечината.
Доколку успешно изврши слетување со екипаж, Кина планира да развие „основен модел“ на Меѓународната лунарна истражувачка станица до 2035 година, во соработка со Русија.
Планираната база би вклучувала и нуклеарен реактор како извор на енергија.