Кинеските научници успешно клонираа три „суперкрави“ кои можат да произведат невообичаено голема количина млеко, јавуваат кинеските медиуми.
Државниот весник Ningxia Daily објави дека експерти од Северозападниот универзитет за земјоделска и шумарска наука и технологија клонирале говеда Холштајн-Фризија со потекло од Холандија, пренесува CNN.
Овие крави можат да произведат 18 тони млеко годишно или 100 тони млеко во текот на нивниот живот, што е речиси 1,7 пати повеќе од количината на млеко произведено од просечната крава во САД.
Клонирање на 120 ембриони
Како што соопштуваат, клонираните животни се родени на почетокот на оваа година.
Првото од клонираните телиња е родено на 30 декември со царски рез, поради неговата релативно голема големина од 56,7 килограми. Научниците клонирале 120 ембриони од клетките на високопродуктивните крави и ги сместиле во сурогат крава.
Научникот кој го водеше проектот, Џин Јапинг, рече дека клонирањето на „суперкравата“ е голем чекор напред бидејќи и овозможи на Кина да ги одгледува најдобрите раси „на економски изводлив начин“.
– Само пет од 10.000 крави во Кина можат да произведат 100 тони млеко во текот на својот живот, што ги прави вреден ресурс за размножување. Но, понекогаш е тешко да се одреди точно за кое животно се работи, што го отежнува нивното одгледување.
,,Планираме за две до три години да создадеме стадо од повеќе од 1.000 суперкрави со цел да ја намалиме зависноста на Кина од увоз на крави” – изјави Џин, пренесува Танјуг.
Значаен напредок
Кина увезува дури 70 отсто од млечните крави од странство.
Во многу земји, вклучително и САД, фармерите ги вкрстуваат клоновите со конвенционалните животни за да додадат пожелни особини на генскиот базен, како што се високото производство на млеко или отпорноста на болести.
Кина постигна значителен напредок во клонирањето животни во последниве години. Во 2022 година кинеските научници успешно го клонираа првиот арктички волк во светот, а во 2017 година беа клонирани говеда со зголемена отпорност на говедска туберкулоза.