– Кинеската и руската војска одржаа „стратегиски консултации“, на кои разговараа за билатерални, како и за меѓународни безбедносни прашања, соопшти денес Пекинг.
Според соопштението на кинеското Министерство за одбрана, двете војски вчера во Пекинг го одржале 22-от круг стратегиски консултации.
„Двете страни имаа детални разговори за теми поврзани со меѓународната и регионалната безбедност и односите меѓу двете војски“, се вели во соопштението.
Според Министерството за одбрана, двете војски „понатаму ќе го подобрат нивото на стратегиска координација и ќе дадат нов придонес во унапредувањето на мирот и безбедноста во регионот и светот, како и промовирањето на изградбата на заедница со заедничка иднина за човештвото“.
Пекинг и Москва одржаа воен дијалог во периодот кога рускиот премиер Михаил Мишустин престојуваше во Кина на дводневна посета, каде што се сретна со претседателот Си Ѓинпинг и премиерот Ли Кианг.
Посетата се случи во период кога годишната трговска размена меѓу двете земји за првпат оваа година надмина 200 милијарди долари.