Кинеските научници го клонираа првиот мајмун резус

Кинеските научници го клонираа првиот мајмун резус, вид кој често се користи во медицинските истражувања бидејќи неговата физиологија е слична на онаа на луѓето, јави Би-Би-Си.

Научниците истакнуваат дека клонираните мајмуни би можеле да го забрзаат тестирањето на лекови бидејќи генетски идентичните животни даваат споредливи резултати, што ја зголемува безбедноста на експериментите.

Претходните обиди за клонирање на мајмуни резус не дадоа потомство или потомството умирало за неколку часа.

Британската организација за заштита на благосостојбата на животните изрази голема загриженост за ова достигнување.

Сексуалната репродукција кај цицачите создава потомство со мешавина од гените на таткото и мајката. Клонирањето произведува генетски идентична копија на животно.

Научниците во Кина користеа модифицирана верзија на истата техника користена за создавање на овцата Доли, првиот клониран цицач во светот. Доли влезе во историјата пред речиси три децении, откако беше клонирана во Институтот Рослин во Единбург.

Првите клонирани мајмуни во светот, пар идентични макаки со долга опашка, беа создадени пред шест години од истите истражувачи.

Но проблемот со клонирањето е што, во случајот на повеќето цицачи, само 1 до 3 проценти од клонираните потомци се здрави. И ова се покажа дека е уште потешко кај мајмуните резус.

Нo научниците го успеаја тоа пред две години.

Успешен исход

Тие откриле дека при неуспешните обиди за клонирање на плацентата, која му обезбедува на фетусот кислород и хранливи материи, не биле соодветно репрограмирани и затоа не се развивале нормално, што научниците овојпат успеале да го решат.

Искористиле 113 ембриони, од кои 11 биле имплантирани и добиле две бремености и едно живо потомство. Тие го нарекоа РеТро (ReTro) според научниот метод за замена на трофобласт кој се користи.

Д-р. Фалонг Лу од Универзитетот на Кинеската академија на науките изјави за Би Би Си дека сите се воодушевени од успешниот исход.

Но портпаролот на британското Кралско друштво за спречување на суровост кон животните (РСПЦА) рече дека веруваат дека страдањето на животните ја надминува потенцијалната корист за човечките пациенти.

„РСПЦА е длабоко загрижен за многу високиот број на животни кои страдаат во овие експерименти и многу ниската стапка на успех. Приматите се интелигентни и чувствителни животни, а не само истражувачки алатки, додава тој.

Мајмуните резус живеат во дивината во Азија, Авганистан, Индија, Тајланд, Виетнам и Кина.