Кипарската мисија за помош на Македонија во справување со шумските пожари е завршена, оставајќи ги најдобрите впечатоци за нејзината оперативна острина и се враќа на Кипар, изјави директорот на секторот за шумарство при Министерство за земјоделство, рурален развој и животна средина на Република Кипар Савас Иезекил за кипарската новинска агенција КИПЕ.
Два авиони од типот „Air Tractor“ со четворица членови на екипажот и пет лица за копнена поддршка од Република Кипар минатата седмица пристигнаа во Скопје, во рамките на помошта од ЕУ механизмот за цивилна заштита, а во изминатите денови помагаа во гаснењето на пожарите на различни локации во нашата земја.
Директорот на надлежниот сектор ја карактеризираше мисијата како многу успешна истакнувајќи дека „ги подобривме системите и ѝ помогнавме на Република Северна Македонија за време на петте дена побарани од ЕУ и денеска (14 август) попладне се враќаат во Кипар заедно со екипажот“.
– Пет дена интервенираа во различни области, изгаснаа доста огнени фронтови, истакна Иезекил за кипарската новинска агенција.
Во однос на тоа дали пожарите во Северна Македонија се изгаснати, објасни дека сè уште има, „бидејќи избувнаа во букова и дабова шума каде гаснењето е многу тешко и бара многу копнени сили, а не воздушни средства“.
Од секторот за шумарство при Министерство за земјоделство, рурален развој и животна средина на Република Кипар на социјалните мрежи вчера објавија фотографии од интервенциите на кипарските авиони во Општина Пехчево и во Рабетино.
Конкретните авиони од типот „Air Tractor“ се опремени со соодветна опрема за гаснење и употреба на пена, како и со соодветна телекомуникациска опрема за комуникација со Единицата за воздушни средства во Ларнака и за пренос на информации и фотографски материјал.
Од средината на јуни 2024 година двата авиони се дел од механизмот rescEU и мисијата во нашата земја, беше прва нивна мисија.
Директорот на Центарот за управување со кризи (ЦУК) Стојанче Ангелов, утрово ги испрати пилотите и останатиот воздухопловен персонал на двата ПП авиони „Ер трактор“ од Кипар, информираа од ЦУК.
Како што наведуваат во соопштението, според техничките можности на воздухопловите и персоналот, двата „Ер трактор“ авиони го дадоа својот максимум во справувањето со пожарите во земјава.
Ангелов искажа голема благодарност за помошта до нив лично и до нивната држава.