Кирали: Отсуството на проширување на ЕУ ќе значи празнина што може да биде пополнета од други актери
Волјата на Македонија да ги направи уставните измени е уште еден чекор напред кон ЕУ за земјата. Нашата политичка перспектива е да ги отвориме кластерите за преговори што е можно поскоро. Но мора да препознаеме дека не е доволно само да чекаме на аспирантите да се приближат кон ЕУ. Треба да преземеме одговорност и да ги донесеме поблиску до Унијата. Бараме нови начини да ја продлабочиме соработката со Западен Балкан пред нивното конечно пристапување во ЕУ. Ова го истакна Адриен Кирали, специјален советник за Западен Балкан, Генерален директорат за проширување и соседство при Европската комисија, на конференција за Меѓупарламентарен дијалог за понатамошно унапредување на европската интеграција на Западен Балкан
-Видовме дека ЕУ одговори на новите геополитички состојби со еден обединет глас. Западен Балкан и нашите пријатели од Исток станаа наши гласноговорници и сојузници. Мора заедно да работиме. Нашите намери се јасни. Иднината на Западен Балкан е во ЕУ. И во минатите години видовме значителен напредок и промени во позитивна насока. Косово аплицираше за членство во Унијата во јули минатата година, Албанија и Северна Македонија почнаа со пристапните преговори и процесот на скрининг веднаш започна. Процесот на скрининг е на добар пат, добро се развива и се движи во вистинска насока, рече Кирали.
Според неа, важно е земјите кои се што во скрининг процесот да го искористат процесот за својот напредок кон Унијата.
Таа посочи дека ЕК ги поттикнува Косово и Србија да ги исполнат барањата на ЕУ, да го деескалираат насилството и да прибегнат кон дијалог затоа што ова е начинот како да се стигне напред во ЕУ и како овие две држави да станат дел од ЕУ.
Во однос на БиХ, посочи дека „сега кога новата влада ги зазема соодветните позиции и соодветно се етаблираше во БиХ сметаме дека потребно е да се постават клучните приоритети во соодветните комисии“, и оти ЕУ има високи очекувања.
Таа нагласи дека најголемиот предизвик е како да се осигуриме дека моменталната динамика на процесот на проширување е одржлива и би се одржала, а државите од својата страна треба да сторат се’ во однос на имплементирање на реформите коишто се неопходни за да се движи напред државата во линија со таквите реформи.
-Новиот план којшто беше презентиран од Фон дер Лајен на Берлинскиот процес е добра основа и добра иницијална точка за сето ова. Прво, сакаме постепено да го интегрираме Западен Балкан во одредени аспекти од отворениот пазар пред истиот да добие полноправно членство во Унијата. Сакаме да поттикнеме европска интеграција во рамки на регионот на Западен Балкан во рамките на отворениот европски пазар затоа што ова е клучен чекор за отклучување односно откривање на целосниот потенцијал на целиот регион. Западен Балкан треба да се фокусира на специфични социоекономски реформи, социјален раст, меѓутоа во исто време и вклучување на фундаменталните реформи во сферата на владеењето на правото и демократијата, посочи Кирали.
Потсети и на механизмите, со цел, како што рече, да се затвори социјалната празнина пред да се овозможат социјални субвенции.
-Досега ЕК додели грант од две милијарди евра за Западен Балкан во рамки на среднорочниот преглед за финансирање. Ова ќе биде придружено од четири милијарди евра на заем што е еднакво на шест милијарди евра помош за Западен Балкан. Има и уште една понуда, а тоа е понудата односно планот за придобивки од членството во ЕУ. Но, ваквиот план исто така придонесува и за забрзување на процесот на пристапување доколку реформите коишто се бараат, односно во фундаментални вредности во кластерот бидат имплементирани реформите, а тоа значи ефикасно судство, силни јавни набавки и одлучни чекори за борба против корупцијата, подвлече Кирали.
Таа се осврна на и ризикот доколку не се случи проширување на Унијата.
-Веруваме дека проширувањето е единствена опција, но за оние коишто се сомневаат особено важно е да се има на ум опасноста од непроширувањето и за ЕУ и за нејзините членки, но и за аспирантите. Отсуството на проширување ќе значи несподелување на европските вредности со нашето непосредно соседство и ќе води до празнина која што може да биде пополнета од други актери. И денес најмалку ни треба да се потсетуваме колку опасно е тоа сценарио, подвлече Кирали.
Според неа, доколку тоа се случи, ќе биде пропуштена можност да ја зголемиме нашата релевантност и да изградиме пообединета и посилна Европа заедно.
-Но, не само тоа. Не треба да гледаме на регионот како регион на ризик или регион којшто ќе ја загрози стабилноста. Не. Мора да признаеме дека имаме заеднички предизвици и да се осврнеме на сите овие заеднички предизвици заедно со цел да најдеме подобри решенија. Погледнете ја на пример енергетската транзиција или климатските промени. Тоа се само некои сфери во коишто ги гледаме придобивките од заедничкото работење и изнаоѓањето на заеднички решенија. Но, да ги погледнеме и економските можности. Мора да се осигуриме дека овие можности се препознаени и искористени и дека овие можности ќе бидат средство за земјите од проширувањето и ќе бидат нивна придобивка по влезот во Унијата, рече таа.
Според неа, проширувањето на ЕУ е процес којшто има придобивки на двете страни, но, вели, истиот мора да се базира на солидни принципи, заслуга и на достигнувања и да се осигуриме дека аспирантите за членство ги исполнуваат соодветните критериуми и ги имаат имплементирано соодветните реформи.
-За крај би сакала да нагласам колку важна е 2023 година. Ова е една година на многу настани, особено важно за проширувањето. Прославувам 30 години од Копенхашките критериуми, како што споменав претходно, 20 години од Солунскиот самит и 10 години од последното проширување со Хрватска. Денес повеќе од кога било претходно историјата не повикува да работиме заедно и да ја заокружиме нашата Унија, заклучи Кирали.
Арбер Адеми, претседател на Комисијата за европски прашања на Собранието на Северна Македонија, кажа дека процесите во земјите од Западен Балкан и нивниот влез во ЕУ се се уште поизразени во новиот геополитички контекст и важно е да се одржи процесот на шроширување.
-Падот за поддршката за членство во ЕУ во јавноста оди рака под рака со растот на националистичките изјави и влијанието на надворшени сили. И сето ова е еден двоен предизвик со којшто мора да се соочиме. И ова не е случај само со нашата држава и со регоиопнот, туку и со многу држави кои се веќе членки на ЕУ, рече Адеми.
Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Антонио Милошоски, осврнувајќи се на обраќањата на говорниците, рече дека пред 20 години се надевавме премногу дека Самитот во Солун меѓу ЕУ и Западен Балкан ќе ги отвори перспктивите за членство.
-Меѓутоа, 20 години подоцна имаме нови случувања, нови извинувања и нови блокади што доаѓаат од различни држави. Намалувањето на поддршката и довербата во рамки на ЕУ, тука во Македонија, меѓутоа и во Албанија, Србија и Косово, БиХ, во голема мера се намалува поради што не беа испорачани ветувањата кои беа дадени претходно. Затоа сега сакам да нагласам дека сега сме позрели 20 години подоцна и дека ние разбираме дека во рамки на ЕУ има земји-членки кои не се склони кон идно целосно проширување. Затоа мислам дека е подобро да се биде искрен со земјите од регионот, не сме совршени но не треба да бидеме замајувани ако трае процесот предолго, нагласи Милошоски.
Според него, ЕУ самата треба да одлучи дали е стратешки приоритет на ЕУ да има реално проширување или е приорет за ЕУ да зборува бескрајно, без тоа вистински да се случи сега.