– Едно лице загина, а две се повредени во сообраќајна несреќа во близина на Варна, во која учествувал автомобил во кој се превезувал поранешниот бугарски премиер и копретседател на „Промените продолжуваат“, Кирил Петков.
Поранешниот бугарски премиер, кој учествува во предизборна кампања, од директниот судар на две возила излегол неповреден, јави БТА.
Петков патувал, заедно со три други лица, во автомобил на Службата за национална безбедност (НСО) соопштија од неговата партија.
Сообраќајната несреќа се случила во 17.30 часот кај селото Аксаково, во близина на Варна.
До несреќата дошло поради ненадејно излетување на еден од автомобилите, во кој патувале две повозрасни лица.
Автомобилот во кој патувал Петков се движел по коловоз со првенство на минување, објаснуваат од НСО.
Починатиот е возач на автомобилот што се судрил во возилото на Петков . Повредени се жената која го придружувала, како и возачот на НСО.
Двете повредени лица се пренесени во болницата „Света Ана“ во Варна. Повредената 58-годишна жена има комбинирана траума и е во тешка состојба.
– Се уште не можеме да кажеме дека нејзиниот живот е надвор од животна опасност, соопштија од болницата “Света Ана“. Мажот кој е примен во болница со поврдеи има 37 години, а неговата состојба е стабилна. Тој има повреди на главата и екстремитетите, известија од болницата „Света Ана“ во Варна.
„Мое огромно сочувство до роднините на загинатиот возач“, напиша Петков на Фејсбук по несреќата со автомобилот на НСО во кој патуваше за Варна.
„Ќе ја прекинам предизборната кампања додека не бидам сигурен дека е завршено се што зависи од мене за да им помогнам на настраданите и на семејството“, изјави тој.