Кирјакос Мицотакис одржа говор по големата победа на изборите во Грција: “Ќе бидам премиер на сите Грци“

Со собир пред централните канцеларии на Нова демократија, со огномет и развиорени партиски и грчки знамиња, како и со поздравен говор на лидерот Кирјакос Мицотакис, симпатизерите, поддржувачите и членовите на партијата вечерва ја слават победата на парламентарните избори во Грција.

Откако Нова демократија убедливо ја победи СИРИЗА со 22,7 отсто разлика, Кирјакос Мицотакис во изјава за медиумите им се заблагодари на граѓаните за довербата, посочи дека добиле безбедно мнозинство, планираните реформите ќе ги спроведат со брз ритам, и истакна дека – „ќе биде премиер на сите Грци“.

Денешниот изборен резултат Грција отвора ново историско поглавје на својот пат. Граѓаните по втор пат за неколку недели не испратија само порака за континуитет на патот што го зацртавме пред четири години, туку ни дадоа силен мандат да чекориме побрзо по патот на големите промени кои ѝ се потребни на нашата земја“, порача лидерот на Нова демократија и следен премиер на Грција.

Посочи дека кога пред 20 години ги направил првите чекори во политиката никогаш не замислувал дека сега ќе ја има оваа голема одговорност, избран по втор пат да формира еднопартиска влада и тоа со силен мандат.

Денеска уште малку ќе ѝ се радуваме на нашата победа. Но, од утре наутро повторно ќе ги засукаме ракавите и ги започнуваме напорите заедно да изградиме силна Грција, татковина со повеќе просперитет, со повеќе правда за сите“, порача Кирјакос Мицотакис и додаде дека – „утре осамнува уште подобар ден“.