Кишида: Јапонија и Јужна Кореја се договорија да ги обноват реципрочните посети на лидерите на двете земји

Јапонскиот премиер Фумио Кишида соопшти дека денеска во Токио се сретнал со јужнокорејскиот претседател Јун Сук-Јол со кого одлучиле да се обноват реципрочните посети на лидерите на двете земји.

„Се договоривме за обновување на шатл-дипломатијата, во рамките на која лидерите на Јапонија и Јужна Кореја, независно од форматот, ќе прават чести посети“ во другата земја, рече Кишида на маргините на состанокот со претседателот на Јужна Кореја.

Лидерите на двете азиски земји на нивната денешна средба ветија дека ќе ја свртат страницата на долгогодишното непријателство и ќе ги остават настрана тешките историски спорови поради неопходноста од поблиска соработка за справување со регионалните безбедносни предизвици.

Посетата на Јун на Јапонија е прва на јужнокорејски претседател во последните 12 години.

„Мојата средба со премиерот Кишида денес има посебно значење. Луѓето од двете земји разбираат дека односите меѓу Јужна Кореја и Јапонија, кои минаа низ тешки периоди поради нерешени спорови, се на пат да бидат рестартирани. Како што покажа лансирањето на балистичка ракета со долг дострел од Северна Кореја пред моето заминување за Токио утринава, растечките нуклеарни и ракетни закани на Пјонгјанг се сериозна закана не само за Источна Азија, туку и за меѓународниот мир и безбедност“, додаде Јун.