Директорот на Фондот за здравство Сашо Клековски најави дека отсега лекот „Клексан“ ќе се продава на рецепт во аптеките.
„Наш прв приоритет е да се префрлиме на антикоагуланси, особено на Клексан, кој веќе е на болничката листа. Наместо да чекаат надомест, пациентите ќе можат директно да го добиваат својот рецепт. Очекуваме оваа промена да стане реалност откако Комисијата ќе почне со работа и ќе се усогласат регулативите“, рече Клековски.
Тој додаде дека лековите на позитивната листа треба да бидат по пониска цена за да можат субвенциите да имаат реален ефект.
„Позитивната листа е форма на субвенционирање на одредени лекови. Сметаме дека кога државата веќе ги субвенционира, треба да имаме право да преговараме за нивната цена, а не автоматски да ја прифаќаме цената на големо. Забележавме дека со претходното зголемување на позитивната листа сите производители ги искористија максимално дозволените цени“, рече Клековски на прес-конференција.
Тој најави дека право на здравствено осигурување ќе имаат затворениците кои моментално отслужуваат затворска казна.