Целта на Русија е цела Украина, но Киев нема да се согласи на тоа и ќе седне на преговарачка маса кога и последниот руски војник ќе ја напушти земјата, изјави вчера градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко за Дневникот на HTV.
„Киев беше и останува цел на агресорите. Киев е срцето на Украина. Тој е главен град и главна цел. Целта на Русија е цела Украина. Тие ја сакаат цела Украина. Ќе одат колку што ќе дозволиме да си одат“, предупреди градоначалникот на Киев.
Кличко рече дека Украина ќе седне на преговарачка маса само под еден услов – „кога последниот руски војник ќе ја напушти Украина“.
Русија вчера започна нов бран ракетни напади врз енергетската инфраструктура ширум Украина, што предизвика прекин на електричната енергија и ограничени водоснабдувања и го натера Киев да побара дополнително оружје од западните земји.
„И денес е многу важно, покрај силата на духот, која не ни треба да ја позајмуваме, да имаме и модерно оружје“, изјави Кличко за HRT. Тој им се заблагодари на западните земји за досегашната поддршка и на противракетните системи кои, како што вели, успешно ги собориле повеќето руски ракети.