Клучниот сведок во случајот со Џефри Епштајн е подготвен да сведочи пред американскиот Конгрес

Гислен Максвел, клучен сведок во случајот со сексуалниот престапник Џефри Епштајн, е подготвена да сведочи пред американскиот Конгрес за „досиејата Епштајн“, изјавија извори за „Дејли меил“.

Максвел е единствената личност зад решетки, која отслужува 20-годишна казна затвор по обвинение за трговија со деца за сексуална експлоатација, и покрај фактот дека педофилот Џефри Епштајн наводно контролирал цела мрежа од малолетни девојчиња.

Жртвите на Епштајн, исто така, тврдеа дека биле злоупотребени од неговите богати пријатели и милијардери-бизнис партнери кои редовно ги посетувале неговите резиденции, вклучувајќи го и неговиот приватен остров Литл Сент Џејмс.

„И покрај гласините, Гислен никогаш не доби никаков договор за признавање на вина. Таа би била повеќе од спремна да седне пред Конгресот и да ја раскаже својата приказна. Никој во владата никогаш не ја замолил да сподели што знае. Таа останува единствената личност која е затворена во врска со Епштајн и со задоволство би ја искористила можноста да ѝ ја каже вистината на американската јавност“, изјавил извор за Дејли Меил.

Максвел беше осудена во 2022 година за нејзината улога во шема за сексуална експлоатација и злоупотреба на повеќе малолетни девојчиња заедно со Епштајн во период од десет години.

Максвел тврди дека требало да биде заштитена од гонење според Договорот за негонење што Епштајн го склучил во 2007 година, кога се согласил да се изјасни за виновен по две помали обвиненија поврзани со проституција, во таканаречениот „преференцијален договор“ што резултирал со тоа што поминал многу малку време зад решетки.

Сега, контроверзноста продолжува околу изјавата на Министерството за правда на САД дека не постои „список на клиенти на Епштајн“, како и објавувањето на видеа од Метрополитен поправниот центар во Њујорк, за кои Министерството за правда тврди дека докажуваат дека Епштајн извршил самоубиство во 2019 година додека бил во притвор под обвинение за трговија со луѓе.

Критичарите посочуваат на фактот дека на затворското видео недостасува клучна минута, на која исто така не се гледа вратата ниту внатрешноста на ќелијата на Епштајн.

Скандалот и наводното „прикривање“ предизвикаа бура меѓу лојалните поддржувачи на поранешниот претседател Доналд Трамп.

Некои дури веруваат дека државната обвинителка Пам Бонди треба да биде отпуштена откако вети дека ќе ги објави сите документи поврзани со Епштајн и неговите познати машки пријатели, само за наводно да го прекрши тоа ветување.

Во саботата навечер, претседателот Трамп издаде соопштение со кое ги негираше обвинувањата за прикривање на социјалната мрежа Truth Social, каде што рече дека „списокот на клиенти е составен од претходната администрација“ на американските претседатели Бил Клинтон, Барак Обама и Џо Бајден.

Максвел, исто така, се бори нејзината жалба да биде разгледана од Врховниот суд на САД, а на 14 јули адвокатите на американската влада треба да поднесат одговор на нејзиното барање Врховниот суд да го преземе нејзиниот случај.