Кнесетот усвои закон: Затворска казна за гледање на про-Хамас содржини

– Израелскиот Парламент (Кнесетот) доцна синоќа го усвои амандманот за криминализирање на следењето про-Хамас содржини.

Пратениците гласаа за измена и дополнување на законот за борба против тероризмот во земјата за да биде кривично дело „следењето на терористичките содржини“.

Со овој закон им се забранува на граѓаните „систематско и континуирано користење објави на терористичка организација под околности што укажуваат на идентификување со терористичката организација“.

Амандманот ги означува палестинското движење Хамас и групата ДЕАШ (ИСИС) како терористички организации на кои се однесува кривичното дело.

За кривичното дело е предвидена максимална казна затвор од една година.

Законот е донесен како двегодишна привремена мерка, но Кнесетот може да го продолжи на крајот на тој период.

Амандманот доаѓа во услови на немилосрдни воздушни и копнени израелски напади врз Појасот Газа по прекуграничниот напад на Хамас на 7 октомври.

Оттогаш во нападите загинаа најмалку 10.569 Палестинци, од кои 4.324 деца и 2.823 жени. Бројот на загинати во Израел е речиси 1.600, според официјалните податоци.

Покрај големиот број жртви и масовните раселувања, основните резерви се при крај за 2,3 милиони жители на Газа поради израелската опсада.