Ковачевски: Ако има десничарска партија на власт, ќе се соочиме со крај на нашата европска перспектива
Ако десничарска партија како ВМРО – ДМПНЕ добие голема институционална моќ, со сите државни ресурси на располагање, ќе се соочиме со крај на нашата европска перспектива“, истакна претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски, на митингот на Коалицијата за европска иднина во Струмица.
Тој им порача на граѓаните, кога ќе гласаат на 8 мај да имаат предвид дека со ВМРО – ДПМНЕ на власт иднината на државата ќе биде под сериозна закана, која ќе значи блокади на нашата држава и можни внатрешни етнички тензии.
Доаѓањето на ВМРО на власт ќе стави крај на независните медиуми, на независното судство, правдата и правичноста, на сметка на зголемените меѓуетнички тензии. Мицкоски и ВМРО – ДПМНЕ играат опасна игра. Она што е во наша корист е тоа дека сите знаеме како изгледа владеењето на режимот“, рече Ковачевски.
Лидерот на СДСМ истакна дека граѓаните од политичките партии очекуваат идеи и концепти за иднина во Европската Унија, а не закани, заплашувања и враќање назад во минатото.
„Имаме историска одговорност пред граѓаните и нашите гласачи. Наша обврска е да им испорачаме иднина, а не да ги враќаме назад. Подадената рака за напредокот на државата на патот кон Европската Унија значи вклученост на сите граѓани, наместо дневен и тотално непотребен национализам. Тоа нѝ е потребно, да размислуваме за иднината“, порача Ковачевски.
Тој ги повика сите прогресивни и демократски сили, на изборите в среда, да ја поддржат единствената проевропска опција и да гласаат за пратеничките листи на СДСМ и Коалицијата за европска иднина и за претседателскиот кандидат, Стево Пендаровски.