Ковачевски-Борел: Поддршката на ЕУ за Македонија продолжува и на политички и на економски план до полноправно членство
Претседателот на Владата на Република Македонија, Димитар Ковачевски го пречека потпретседателот на Европската комисија и висок претставник на Европска Унија за надворешни работи и безбедносна политика, Жозеп Борел кој во пресрет на одржувањето на 30тиот Министерски состанок на ОБСЕ е во Скопје.
На билатералниот состанок покрај премиерот Ковачевски и потпретседателот на Европската Комисија, Борел, присуствуваа и заменик претседателот за европски прашања Бојан Маричиќ, како и амбасадорот на Европската Унија во Република Македонија, Дејвид Гир.
На средбата се разговараше за актуелности поврзани со европските аспирации на Македонија, за реформскиот напредок во клучните области и за политичките состојби во земјава.
Високиот претставник на Европската Унија, Жозеп Борел го поздрави успешното претседавање на Северна Македонија со ОБСЕ. Соговорниците разменија ставови дека претседавањето сериозно придонесе кон зајакнато позиционирање на земјава во меѓународни рамки како конструктивен актер за стабилност и соработка.
Потпретседателот на Европската комисија Борел се заблагодари што Македонија е целосно усогласена со надворешната и безбедносната политика на Европската Унијата.
Воедно, ја поздрави непоколебливата поддршка што Македонија и’ ја дава на Украина.
Двајцата соговорници разменија мислења за текот на пристапниот процес на нашата држава, како и за скрининг процесот, чиј извештај ќе биде поттик за интензивен ангажман, со цел да се забрза реформскиот процес за пристапување на Македонија во ЕУ. Билатералниот скрининг е важен дел од процесот и потврда дека Македонија се движи во вистинската насока, истакна на средбата премиерот.
Потпретседателот на Европската Комисија, Жозеп Борел истакна дека уставните измени се клучни за напредокот на Македонија во ЕУ и апелираше дека истите што побрзо треба да се усвојат.
Премиерот Ковачевски на средбата со високиот претставник на ЕУ Борел, изрази благодарност за силната поддршка на Европската Унија и изрази и верување дека со новиот План за раст за Западен Балкан, Унијата ќе го интензивира својот ангажман на сите нивоа за поддршка на политичката, економската и социјалната трансформација на Македонија.
Претседателот на Владата, Ковачевски истакна дека политиките на Владата се на линија на европската агенда и земјата има политички капацитети коишто можат да придонесат по успешно завршениот скрининг процес, со динамично темпо Северна Македонија да влезе во преговарачки процес и до 2030 година земјата да стане членка на ЕУ.
На средбата беа разменети ставови за Планот за раст на ЕУ, кој е од клучна важност за реформите на финансиските капацитети и економските капацитети на државите, но и јакнењето на институциите, на земјите од Западен Балкан. Ковачевски и Борел разговараа дека овој план ќе ја зголеми економијата на Македонија, и ќе и овозможи значи економско поврзување и присуство на единствениот пазар од половина милијарда потрошувачи, преку кој ЕУ стана трговска суперсила.