– Премиерот Димитар Ковачевски денеска, на настанот по повод презентацијата на поддршката од ЕУ вредна 80 милиони евра, уште еднаш рече дека владините мерки за справување со кризата даваат резултат. Струја и парно има, а рестрикции нема и тоа, како што потенцира, е најдобар демант за сите критичари кои во последниот квартал минатата година предвидуваа најцрни сценарија за државата кои не се остварија.
-Целта на сите мерки што ги презема Владата е да има сигурно и стабилно греење, снабдување со електрична енергија, снабдување со храна и сето тоа без ценовен шок за граѓаните. Денес има и струја и парно, а рестрикции нема. Преку зголеменото производство ЕСМ обезбедува евтина струја за училиштата, образовниот процес да се одвива во училниците, за јавните комунални претпријатија преку кои граѓаните се снабдуваат со вода, како и за прехранбената индустрија. Намалувањето на цената на струјата за 20 отсто за 72 илјади фирми кои се на регулиран пазар и задржување на цената за домаќинства на исто ниво, за оние кои рационално ја трошат електричната енергија, е само потврда на правилните политики кои ги водиме во време на енергетска криза, и тоа е вистинска грижа за најранливите категории како и за сите други граѓани, подвлече Ковачевски.
Според него, доколку ЕСМ продолжи со реализацијата на зголемено производство, тоа ќе биде аргумент плус кој ќе и овозможи на Регулаторната комисија за енергетика да носи одлуки во интерес на граѓаните.
-Ние правиме се што е во наша моќ – а тоа е да го реализираме планот за зголемено производство, за цената да биде стабилна и граѓаните да користат евтина тарифа. Дали ќе има проширени интервали на користење, во текот на наредниот период ќе покажат анализите на Регулаторната комиcија. Наш приоритет е и енергетската транзиција и енергетската независност, а нашата земја е регионален лидер во енергетската транзиција, со огромен потенцијал да стане зелен енергетски хаб, рече премиерот.
Тој истакна и дека интересот за инвестиции во обновливи извори на енергија расте. Само од 1 јануари 2022 година до 28 февруари годинава, во земјава, укажа, има нови фототанапонски централи со инсталиран вкупен капацитет од 181,2 мегавати од обновливи извори што можат да ги задоволат потребите на 72 500 домаќинства со просечна потрошувачка на електрична енергија. Со овие капацитети, напомена премиерот, од обновливи извори на енергија може да се задоволат потребите на домаќинства од осум градови: Охрид, Тетово, Кратово, Крушево, Крива Паланка, Свети Николе, Ресен и Дојран.
-Во првите два месеца од годинава во државата има нови 88 фотонапонски електроцентрали со моќност од 29 мегавати за производство на струја кои се стекнале со лиценци за работа. Сите овие трендови водат кон зголемување на енергетската независност на земјата, стабилност во снабдувањето со електрична енергија и во крајна цел реализација на Планот на Владата, во корист на граѓаните, на компанииите и на нашата држава. Сето ова немаше да го постигнеме доколку не беа со нас и нашите партнери. Затоа уште еднаш упатувам благодарност за поддшрката која што ни ја даде ЕУ, во овој домен, кога ни беше најпотребна, со 80 милиони евра буџетска поддршка за справување со енергетската криза, но тука морам да ги споменам и макрофинансиската помош од 100 милиони евра која што исто така е договорена со ЕУ. Тука благодарност до колегите од МФ, како и поддршката за инвестиции во износ од 50 милиони евра. Секако и кредитирањето кое го прави ЕБОР и ЕИБ во делот на големите инфраструктурни проекти како во енергетиката така и во други области, рече премиерот Ковачевски во обраќањето.