Ковачевски: ВМРО-ДПМНЕ вели нема ЕУ за 100 години, јас велам членство во ЕУ до 2030 година, тоа се двата концепти

Претседателот на опозицијата вели 100 или никогаш нема да влеземе во ЕУ, јас велам Македонија до 2030 година ќе биде земја членка на ЕУ. Тоа се различни концепти, затоа граѓаните ќе ја изберат на избори европска коалиција, потнцираше претседателот на СДСМ и премиер Димитар Ковачевски во интервју за Канал 5 Телевизија.

-Претседателот на опозицијата вели 100 или никогаш нема да влеземе во ЕУ, јас велам Македонија до 2030 година ќе биде земја членка на ЕУ. Тоа се различни концепти. Затоа граѓаните ќе изберат на избори и европска коалиција која коалиција потоа ќе обезбеди 80 пратеници и ќе има влез во ЕУ до 2030 година, рече Ковачевски.

Претседателот на СДСМ направи паралела меѓу погрешните политики на ВМРО-ДПМНЕ со антиквизација со кои ја оддалечија земјата од европската агенда, наведувајќи го примерот со Хрватска.

-Зарем треба да чекаме уште 100 години? Што ни направи чекањето. Ние ги започнавме преговорите во 2005 година заедно со Хрватска. Тогаш добивме кандидатски статус. Хрватска беше зад нас. Планот беше во 2011 година Македонија и Хрватска да влезат во ЕУ. Што добивме ние? Хрватска влезе во ЕУ, во Шенген и Хрватска воведе евро. Хрватската економија порасна дупло. 33% имаат поголем број на фирми а македонски граѓани одат да работат во Хрватска. Што направи ВМРО – ДПМНЕ? Што отпочна Владата во 2008 година? Антиквизација. Наместо да започнеме процес на европеизација … ние започнавме процес на антиквизација. Наместо да се европеизираме, ние почнавме да се антиквизираме. Додека Хрватска одеше со Јункер да потпишува протоколи за прием, нашиот државен врв чекаше некакви Хунзи на аеродромот, ги облекуваа луѓево од јавна администрација во некакви антички одела со мечеви и штитови. Се враќаат 2300 години назад. Тоа беше 11 години Македонија. Сега сме членка на НАТО и со преговор со ЕУ. Успеавме на 30-ти јуни да добиеме предлог од ЕУ со преговарачка рамка која што на нас ни го гарантира процесот на пристапување во ЕУ и билатералните прашања се надвор од преговарачката рамка, билатералните праша се решаваат на билатерално ниво, признаен македонски јазик. Најдобра потврда за тоа е последниот самит на ЕУ кој што се одржа во Брисел, вие бевте присутни таму, вашата телевизија, рече Ковачевски.