Ковачевски во Минхен се сретна со шефицата на ММФ Георгиева

На маргините на Минхенската безбедносна конференција, премиерот Димитар Ковачевски во саботата се сретна со директорката на Меѓународниот монетарен фонд Кристалина Георгиева и со претседателот на Европската банка за обнова и развој Одил Рено-Басо.

Според официјалното соопштение, премиерот Ковачевски му се заблагодарил на ММФ за признавањето на здравата економска основа на државата и нејзините стабилни економски политики.

Георгиева изрази одобрување за владините економски политики, како и за користење на линијата за претпазливост и ликвидност наменета само за земјите кои имаат здрава економија и здрави економски политики, се вели во соопштението. 

Ковачевски рече дека фискалната политика на државата е фокусирана на поддршка на граѓаните и економијата во услови на енергетска криза. Владата е решена да постигне одржлив економски развој, фискална консолидација и структурни реформи на среден рок, се додава во соопштението.